СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА БР. 4
Во пресрет на претстојните парламентарните избори, мај 2024 година, „Твоја партија“ реши активно да се вклучи во политичките превирања кои веќе достигнаа критична точка. Оттука, Раководството на “Твоја“ ја преиспита својата Програмска рамка и констатираше дека практично ниту едно критично прашање не само што не е застарено туку проблемите се само влошени, и дека посочените решенија во Програмската рамка се попотребни од кога и да е.
Затоа, ги повикуваме сите заинтересирани да ја погледнат Програмската рамка на нашиот сајт. Во оваа прилика, само ги истакнуваме најгоречките прашања и нудиме излезни решенија за кои ќе се залагаме на кој и да било легитимен начин.
1. ПОЛИТИЧКА ДЕМОНОПОЛИЗАЦИЈА. – Граѓанската демократија значи дека политичките правци, претставувани од конкретни политички партии, се менуваат на власт за да се избегне автократизам или мафијашко преземање / заробување на државата. Во еден период се соочивме со првиот феномен, а сега сме соочени со вториот – мафија на власт! ДУИ е веќе 22 години континуирано на власт и успешно им создава на своите партнери (најпрво СДСМ, па потоа ДПМНЕ, па повторно СДСМ) привид дека тие нешто као одлучуваат. Но нема врска!
Излезно решение: Во идната власт ДУИ не смее да партиципира на кој и да е начин!!! Ние се залагаме за демонтирање и деконструирање на сите форми на рушење на владеењето на правото што го правеа и се уште го прават ДУИ во сите институции и сите сфери на социјалниот живот!
2. ДЕПРИВАТИЗАЦИЈА НА ЕНЕРГЕТИКАТА. – Во сите земји каде своевремено била откриена нафатата, домашното население ужива во речиси бесплатна употреба на енергенсите. Огромниот БДП е резултат на продавањето на таа нафта на други држави!!! Ние, како „соларна“ држава плаќаме најскапа енергија благодарени на ДУИ и нејзините измеќари кои не умеат ништо друго освен да ги молзат своите граѓани.
Излезно решение: Целосна либерализација на соларната енергија и најниски можни цени на електричната енергија. На другата страна, со сопствени средства изградба на комбинирани, соларно-хидро енергани и продавање електрична енергија на меѓународниот пазар. Времена, но целосна забрана за приватизација на кој и да е сегмент од електроенергетските капацитети со кои располага државата.
3. ИНЦЕНЕРАЦИЈА. (ЕКОЛОШКО ПРОЦЕСИРАЊЕ НА ОТПАДОТ) – И најразвиените држави во областа на селекција на отпадот најголемиот дел од отпадот го инценерираат (контролирано согорување со највисоката филтрација на чадот и производство електрична енергија од тој процес). Повеќе наши општини, ако не и сите, се гушат во отпад, со неквалитетни депонии, со огромен број диви депонии, со отворено горење на отпадот и со уништување на животната средина , а со тоа и здравјето на граѓаните.
Излезно решение: задолжителна употреба на инценератор кај поголемите општини или кај грозд од помали општини. Обезбедувањето и поставувањето инценератори би било со комбинирани средства од централната и локалната власт. И повторно, целосна забрана за приватизација на кој и да е сегмент од овие активности.
4. РЕБУЏЕТИРАЊЕ. – Посебно последниов период се соочуваме со се’ поголеми издатоци за „Државата“ (читај: криминалното претпријатие на ДУИ и неговите измеќари) и се’ подрастично намалување на буџетските издвојувања за здравството, школството и науката, социјалата…
Излезно решение: пред отпочнување на собраниската постапка за буџетот за наредната година се врши пресметување на нераспределените буџетски средства, и, наместо тие да се доделат на „Државата“, се распределуваат на секое семејство, брачна заедница или самци кои имаа помалку од, на пример, илјада евра месечно или десет илјади евра годишен приход по жител (покрај редовните средства кои ги добиваат овие семејства по различни основи).
5. ПОМАЛКУ Е ПОВЕЌЕ. – “Твоја“ упорно укажува дека Македонија има најголем број министерства во Европа, исто толкав број заменици министри, а тоа го следат едно чудо функционери без функција и работници што не одат на работа… Цреша на шлагот од оваа владина перверзија се огромниот број членови на управни и надзорни одбори што земаат огромни средства без да работат ама баш ништо и пратениците во Собранието со огромни ‘патни трошоци’! Потполно идентична е ситуацијата и на локално ниво! Станува збор за неефикасен апарат од 26 министри и 26 заменици-министри/членови на Влада, 1.400 агенции, бироа, фондови и други служби за кои нема никаква реална потреба.
Излезно решение: Сведување на министерствата на седум, укинување на сите функционерски позиции што немаат фактички делокруг (вклучувајќи и министри без ресори), отпуштање на сите работници што не биле на работа подолго од три работни дена, како и укинување на сите управни и надзорни одбори односно целосна реформа на контролниот систем врз работата на јавните претпријатија. На локално ниво, излезот е во сериозно намалување на бројот општини, а тоа неизоставно ќе доведе и до сериозно намалување на локалната функционерска реколта. Тоа, едновремено, ќе создаде услови и за справување со неверојатната корупциска епидемија што ја зафати нашата земја последниве 20 години, а средствата ќе се распределат за развој на образованието и здравството!
6. НЕПИСМЕНИ НОВИ ГЕНЕРАЦИИ. – За тоа дека создаваме полу или неписмени генерации, веќе редовно добиваме тапија. Индикаторите говорат дека со школството не припаѓаме во Европа (или не сме за во ЕУ). Практично како дното на мерната скала што ја мери писменоста на нашата младина да е резервирано за нас, Албанија и Косово, и дека така треба да си остане. Северна Македонија во резултатите од 2022 можете да ја најдете на 62 место по математика, 69 место по природни науки и дури на 72 место по „читање“ (разбирање прочитана содржина). На сето згора, очигледен е и надолниот тренд на нашата позиција во однос на 2014 и 2018. Имено, од минатите (тнр. ПИСА) тестови како држава сме паднале на скалата по неколку места подолу. Ова докажува дека производот на нашето школство кое е темелно занемарено од власта, во просек е: срамно полуписмено и неадаптибилно дете кое тешко ќе се снаоѓа со модерните предизвици во потеснаа животна околина но и пошироко во светот.
Излезно решение: Доколку партијата ТВОЈА влезе во владејачката структура, меѓу другото, ќе формира кспертски тим во кој ќе вклучи и меѓународни експерти, а кој ќе го реформира најпрво основното, а потоа и средното и високото образование, буџетот за просвета ќе го зголеми за 20%, ќе им ја зголеми платата на наставниците и професорите (притоа кратејќи од други неоправдани буџетски ставки) и ќе ги наградува најдобрите, како и ќе работи на отстранување на разликата во квалитетот на образование кое го добиваат децата кои учат на македонски и на албански јазик
7. БУГАРИТЕ И МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ. – За “Твоја“ не се прифатливи уставни промени со кои на Бугарија, посредно, значи преку вбројување на бугарското малцинство во Македонија во Преамбулата на Уставот, ќе и’ се даде статус на држава / земја која се залагала за создавање македонска држава и државност што е ноторна лага. Уште помалку да се забошоти дека Бугарија дури и пред создавањето на својата државност како нација (1878 г.) имала територијални претензии спрема Македонија и Македонците, дека од тогаш четири пати ја окупирала Македонија или дел од нашата територија, а последниот пат тоа го направиле како дел од фашистичката коалиција во Втората светска војна. Едновремено, тоа е последната држава која го попречи нашето интегрирање во ЕУ и единствена држава која не’ уцени да направиме ревизија на историјата загрозувајќи ги нашите идентитетски столбови.
Излезно решение: да се отповикаат сите билатерални договори со Бугарија склучени во функција на почнувањето на пристапните преговори со ЕУ и да се склучат нови билатерални договори базирани на принципот на реципроцитет на две држави еднакви по своите права и обврски. Врз основа на тоа, да се прилагодат договорите за акцесија со ЕУ. Внимателно да се следат развојните правци во Бугарија и ЕУ. Доколку каде и да превладее историскиот ревизионизам и / или повампирување на фашизмот – веднаш да се дистанцираме и сочекаме таквите тенденции да бидат надминати.