Нокаутирано владеење на правото – Продолжение

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА БР. 5

Минатиот месец укажавме дека Пресудата на Управниот суд (У-5.бр.618/2023 од 14.12.2023 година) за Судскиот совет е „нокаут’’ од најопасен ранг, не само за македонското правосудство туку и воопшто за владеењето на правото во нашата држава или поточно – владеење на кривото (неправото). Сагата си продолжува со тоа што овој пат, имаме најотворено корумпирање од страна на министерот за правда, Кренар Лога, кој си ја понесе со себе – да му „прави друштво“ во Анкара (службен пат за Министерот), кој друг ами Претседателката на Судскиот совет Весна ДАМЕВА! Се прашуваме, во кое својство?

Инаку, Министерот Лога, како што од Министерството за правда за МИА потврдиле, требало да престојува во официјална посета на Турција на 8 февруари (2024 година) и да се сретне со министерот за правда на Република Турција, а предвидени биле и средби со претседателот на Собранието, со претседателите на Уставниот и Врховниот суд, како и со претставници на Академијата за судии и јавни обвинители. Посетата токму така и се одвивала. Од наша страна, делегацијата, покрај Министерот, била составена од: претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, претседателот на ОЈОГОКК, Ислам Абази и поранешниот претседател на Уставен суд, Сали Мурати. Ако великодушно се апстрахираме од последниов (иако не се работи за актуелната претседателка на Уставниот суд), другите двајца, Абази и Дамева – не се соодветен пандан на турските домаќини, дотолку повеќе што случајот на двојното убиство и екстрадицијата на Палевски воопшто не се во делокругот на Абази, а Дамева, пак, се стави во ситуација на конфликт на интереси!!! Доколку утре некој го отвори прашањето за тоа дали судиите постапиле соодветно во овој грозоморен случај – Дамева ќе мора да се изземе заради тоа што и самата била инволвирана! Но, дури и лично не учествува во постапката, веќе со своето претседавање со Судскиот совет таа ќе изврши влијание!!! Можеби целта била македонскиот етницитет да ја има својата „заслужена’’ четвртина во трите четвртини на албанскиот етницитет на оваа делегација? Но и во тој случај е несоодветна зашто таа не е нашата претседателка на Судската академија со што би се имало соодветен пандан со турската страна?

Но, ајде да го погледнеме и странскиот, односно дипломатскиот аспект. Прво, Дипломатската заедница во Македонија не изреагира (или барем ние не најдовме таков податок) кога Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет! Тогаш „Твоја’’ јасно укажа дека таа не ги исполнува квалификативите неопходни дури и да биде член на Судскиот совет, а камоли да претседава со него! Но, да цитираме еден наш медииум: „Со реакција за изборот на Весна Дaмева за претседателка на Судски совет се огласи и адвокатот Александар Тортевски, кој смета дека и самот избор е корупција, зашто на позицијата се поставува нестручно лице кое во даден момент ќе треба да испорача возвратна услуга. „Од стручен соработник да конкурираш и да те изберат за претседател на Републички судски совет ти е исто како во војска од водник да конкурираш за маршал“, коментира Тортевски“.

Второ, Дипломатската заедница во Македонија повторно не изреагира кога се појавија сомнежи за од километри видливиот конфликт на интереси врзани со сопругот на Дамева.

Трето, Дипломатската заедница во Македонија изреагира кога Дамева беше сосема правно исправно сменета од позицијата претседател и тоа во нејзина одбрана???

Четврто, Дипломатската заедница во Македонија изреагира позитивно кога таа беше вратена на позицијата, па дури и беше „одмрзнат“ холандскиот проект за Судскиот совет???

Петто, Дипломатската заедница во Македонија не изреагира на вклучувањето на Дамева во делегацијата на Лога??? Е, сега веќе мора да се прашаме чија „агенда“ реализираат овие дипломати? Или можеби се работи за нешто друго?

Но, затоа, „Твоја“ изреагира вака: -Сметам дека ваков вид директно мешање не може да доведе до вистински и системски промени кои и се потребни на Македонија туку само на моментални реакции кои суштински ништо не менуваат, вели во разговор за „Локално“, универзитетската професорка и граѓанска активистка Мирјана Најчевска. Според неа, „… уште повеќе, во отсуство на реално познавање на правниот систем на државата (се мисли Македонија, н.з.) а со желба да се прави постојан баланс меѓу стапот и морковот во односите со Македонија, многу често се дава поддршка на многу неправни решенија (како што е тоа на Управниот суд за враќање на Весна Дамева). -На ваков начин не само што не се поддржува владеењето на правото и спроведувањето на соодветни процедури, туку странците влегуваат на територијата на меѓупартиските пресметки и не сакајќи заземаат страна’’, порача Најчевска.

Значи, веруваме или барем сакаме да веруваме дека Дипломатската заедница во Македонија има благородни намери и, можеби, дозволила нашата актуелна власт да ги инструментализира. Затоа ѝ препорачуваме да го примени старото дипломатско правило „6+3+1“ каде 6 средби би биле со позицијата, 3 со опозицијата, а најмалку една со академската фела. Во таков сооднос, сигурни сме, не би направиле вакви катастрофални грешки со кои наместо да го поттикне владеењето на правото – кај нас се храни токму спротивното: правната какафонија што актуелната власт, дел свесно, дел несвесно ја гради во секоја, дури и последната социјална сфера.

Потсетуваме дека „ТВОЈА’’ има вградено во својата Програмска рамка посебна цел насловна како „Владеење на правото“, а во Актуелните приоритети за 2024 посебно корелираат првиот и седмиот.

Известител: С.Т.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Shopping Cart