Статут

Согласно членовите 3, 14 и 16 од Законот за политички партии (Службен весник на РМ, бр. 76/2004) “Твоја Партија“, на своето основачко собрание одржано од 25.01. – 10.02.2020 во Скопје, го усвои својот

С Т А Т У Т

Член 1            ИМЕ

I Општи одредби

Името на политичката партија е “Твоја Партија“

Скратеното име на Партијата е “Твоја”.

Член 2            СВОЈСТВО

“Твоја Партија“ има својство на правно лице.

Седиштето на “Твоја Партија“ е во Скопје,  ул. Македонија 25-1/6

Член 3            СИМБОЛИ

„Твоја“ има симбол во вид на зелено дрво на бела позадина (што соодвествува на основната зелена ориентација на Партијата).  

“Твоја Партија“ има свој печат – во кружна и свој штембил во правоаголна форма на кои е испишано името на Партијата.

II Политичките цели на дејствување и начин на дејствување

Член 4                        ДЕЈНОСТ

„Твоја“ е демократска партија чијашто дејност се базира на комбинирање на политиките за општествена промена со политиките за решавање на големите еколошки проблеми во национални и меѓународни рамки, а со цел креирање праведно, фер и одржливо општество.

„Твоја Партија“ ќе делува во рамките на Уставот, ратификуваните меѓународни договори и позитивното национално право.

Во своето делување “Твоја Партија“ ќе биде насочена:

–          кон тоа со својот интелектуален потенцијал да делува во насока на иницирање промени со цел излегување од затворениот круг на стагнација на државата;

–          промоција на професионалноста над партиската книшка и правото над политичкиот волунтаризам;

–           вредностите и принципите кои ги застапува да ги промовира прво во сопствената структура и сопственото делување;

–          да влезе на политичката сцена како независна и посебно независна од влијанија на структури кои понатаму би го компромитирале нејзиното делување и кои би го оневозможиле остварувањето на зацртаните цели, без опашки и без долгови кон било кого;

  • Минимизирање на трошоците на партиското делување и максимизирање на влијанието кое би го имала во целокупниот општетсвен развој на државата;
  • Поставување на граѓанинот – индивидуата со нејзините права во улога на централна фигура во државата;
  • Еднаков третман на луѓето кои имаат различни идентитети, кои можат да ги манифестираат, менуваат, да се откажуваат од нив, да ги прифаќаат или да ги негираат без никакви негативни последици;
  • Постепен нaпpeдокот кој ќе биде инклузивен и достапен за сите;
  • Социјална правда, еднаквост на сите граѓани во практикувањето на основните права и слободи и борба против сиромаштијата со цел достоинствен живот овде и сега;
  • Развивање политики насочени кон намалување на нееднаквоста, така што индивидуите и семејствата, без разлика на потеклото, ќe можат да уживаат благосостојба соодветна на 21 век и ќе продолжат да придонесуваат за просперитетот на државата;
  • Развивање политики насочени кон создавање и одржување средна класа, граѓанска нација на добро ситуирани, среќни, исполнети и слободно мислечки индивидуи кои живеат во праведно општество и уживаат заштита од законите и институциите;
  • Поставување на принципите на фактичка одговорност од сите досегашни и идни политичари и раководни лица;
  • Бескомпромисна борба против корупцијата на сите нивоа во власта и општеството која ќе започне со испитување на потеклото на имотот на сите именувани и избрани функционери до ниво на ригидност;
  • Максимално вложување во прифаќањето и развојот нови технологии и максимално користење чисти извори на енергија;
  • Развивање приод во кој државата  ќе биде алатка која служи за задоволување на потребите и интересите на граѓаните (што подразбира државен апарат кој се структуира на начин на кој најдобро, наједноставно, најефикасно и најевтино им служи на граѓаните);
  • Препознавање на климатските промени како приоритет кој бара максимални материјални, организациони и персонални заложби;
  • Издигнување на екологијата и борбата за здрава животна средина на ниво на секојдневен приоритет во кој ќе бидат вложении многу труд и многу средства;
  • Намалување на министерства и јавна администрација со цел постигање подобри резултати и градење професионални јавни службеници а не товар за државата и граѓаните;                  и
  • Борба со било кој облик на клиентелизам, партиска зависност и партизација на правосудниот систем,  јавниот сектор и државната администрација.

Член 5            “Твоја Партија“ ќе делува преку:

– одговорни и кредибилни политички акции со кои ќе им понуди на граѓаните разработени идеи и мерки со цел да се оствари социјален и економски развој на државата;

– прагматичен приод во управувањето, со многу силен акцент на професионалноста, стручноста и непартијноста;

– членство интегрирано преку социјалните медиуми и соодветните платформи кое заедно ќе ги развива политиките на Партијата и кое во секој момент може да реагира, да поддржи или да се спротивстави на одредена одлука, идеја или политика на Партијата;

– формирање флексибилни и целно насочени групи и постојано филтрирање и промовирање на најдобрите идеи и решенија кои ќе бидат застапувани од луѓето кои знаат и умеат да ги спроведат во пракса;            и

  • доследна примена на принципите на демократичност, менаџирање на конфликтите и почитување на разликите во секојдневното внатрепартиско делување и функционирање.

Член 6                        ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Работата на “Твоја Партија“ е јавна на секое ниво од формулирање до донесување на одлуките.

Јавноста во делувањето на “Твоја Партија“ се постигнува со тоа што членството на Партијата  ќе делува со максимално искористување на новите технологии и е-комуникација.

Јавноста во делувањето на “Твоја Партија“ се обезбедува со постојана комуникација на членовите во рамките на посебните и заедничка интернет мрежа со целосен увид во сите акти на секое ниво од нивното подготвување.

III Услови и начин на зачленување и престанување на членството и права, обврски и одговорности на членовите

Член 7                        ЧЛЕНОВИ

Член на “Твоја Партија“ може да биде секој полнолетен граѓанин на Република Северна Македонија кој ги прифаќа овој Статут и програмата на “Твоја Партија“.

Член на „Твоја Партија“ не може да биде политичар, функционер или друга јавна личност што биле на кој и да е начин корумпирани или излегле со ставови во спротивност со концептот за универзалните човекови права или користеле говор на омраза.

Зачленувањето во Партијата се врши со потпишување Пристапница.

Членството го констатира Координативниот одбор врз основа на позитивно мислење од Контролниот одбор.

Член 8            Членовите на “Твоја Партија“ имаат право и обврска:

  • да бидат вклучени во сите активности на Партијата (да добива и дава информации поврзани со работењето на Партијата);
  • да учествуваат во работата на една или повеќе работни групи;
  • да бираат и да бидат бирани во телата на Партијата;
  • да учествуваат во донесувањето на одлуките и градењето на политиките на Партијата;
  • да ги презентираат ставовите на Партијата пред јавноста и да учествуваат во дискусии во медиумите како претставници на Партијата;
  • да ги промовираат и застапуваат принципите и целите на Партијата;
  • во рамките на Партијата и надвор од неа да го негуваат духот на почитување на човековите права и основни слободи и почитување на различностите; и
  • да имаат свое критичко мислење за се што се случува во Партијата и во заедницата и да го искажуваат тоа мислење.

Член 9                        ЧЛЕНАРИНА

Членовите на “Твоја Партија“ плаќаат месечна членарина во висина од 100, 300 или 600 денари.

Неплаќањето членарина не е основ за исклучување од членство во Партијата.

Член 10          Членство во Твоја престанува со :

– еднострана изјава за напуштање;

-исклучување од страна на Контролниот одбор;

– членување во друга политичка партија; и

  • смрт или губење на деловната способност на членот.

IV Oрганите на Партијата, начинот на нивниот избор и отповикување, траењето на мандатот, начин на одлучување и облици на делување

Член 11          ОРГАНИЗАЦИЈА

 “Твоја Партија“ делува на целата територија на државата, со сите членови, а посебно со членовите надвор од Државата комуницира преку интернет/електронска комуникација врз основа на специфични облици на функционално поврзување.

Член 12          Органи на “Твоја Партија“ се:

  • Работни тела,
  • Конгрес,
  • Координативен одбор, и
  • Контролен одбор.  

Член 13          Основна организациска единица на Партијата се Работни тела.

(1) Работните тела на “Твоја Партија“ се организирани на доброволна основа по следните области (кои се флексибилно поставени согласно потребите за делување):

1.1 Оддел за надворешни работи (градење емпириски конструктивизам во надворешната политика, негување и подобрување на постоечките и создавање нови релации со држави и меѓународни организации, посебно со држави-соседи и ЕУ членки, модернизирање на услугите со цел полесна достапност на овие услуги државјаните надвор од земјата)

1.2 Оддел за внатрешни работи (државни фондови-социјално, пензиско осигурување, здравствен систем, статистики на родова еднаквост, култура и метеорологија)

1.3 Оддел за правда и полиција (азил, миграција, внатрешна безбедност, коегзистирање на различни националности, борба против криминал, граѓански статус, граѓански права, меѓународна правна и полициска соработка, надзор врз игри на среќа)

1.4 Оддел за одбрана(војска), граѓанска заштита и спорт

1.5 Оддел за финансии (државен буџет, даноци, домашни и надворешни финансиски текови, монетарни работи, царина, контрола врз стоки, имплементација на легислатива за алкохол, IT-администрација, човечки ресурси, инфраструктура и логистика)

1.6 Оддел за економски работи, образование и истражување (економија, трговска политика, истражување, иновации, домување)

1.7 Оддел за човекова околина, транспорт, енергетика и комуникации (инфраструктура, човекова околина, модерни транспортни рути, комуникациски мрежи, енергетски ресурси, како и здравје и безбедност).

(2) Членовите учествуваат во работата на конкретна област според своите афинитети и знаења и според сопствен избор. Членовите можат да учествуваат во работата на повеќе тела. За конкретни прашања телата може да се здружуваат и да ги остваруваат активностите заеднички.

(3) Работните тела можат да функционираат со директно физичко присуство на членовите или/и преку интернет комуникација.

(4) Донесувањето на одлуките во работните тела се врши со просто мнозинство од бројот на членови на работното тело.

Член 14          Раководење со работните тела

(1) Со секое тело раководи генерален координатор на работното тело кој се избира во рамките на групата со просто мнозинство, со мандат од две години и со право на повторен избор после два последователни мандати изгласан со 2/3 мнозинство.

(2) Генералниот координатор е организационен и технички администратор на групата без посебни привилегии и овластувања.

Член 15          Конгрес

(1) Конгресот го сочинуваат делегати избрани од секое работно тело со просто мнозинство, членовите на координативниот и контролниот одбор

(2) Бројот на делегати изнесува 10% од бројот на членови во секое работно тело, но не повеќе од 10 члена од едно работно тело.

(3) Едно лице може да биде избрано за делегат само од едно работно тело, во случај кога членува во повеќе различни работни тела.

(4) Мандатот на членовите на Конгресот изнесува 2 години.

Член 16          Конгресни процедури

Конгресот се состанува секоја втора година во втората сабота од месец декември.

Конгресот се свикува задолжително пред парламентарните и претседателските избори заради утврдување кандидати за изборите 

Информацијата за свикување на Конгресот ја испраќа Координативниот одбор најмалку два месеци пред одржување на Конгресот.

Конгресот, пред рокот утврден со овој Статут, се свикува на барање на три работни тела или по барање на  Контролниот одбор.

Член 17          Конгресот на “Твоја Партија“:

– ги усвојува Програмата и Статутот на Партијата;

– ги бира членовите на Координативниот одбор и Контролниот одбор со мнозинство гласови од вкупниот број членови;

– Избира благајник на Твоја партија

– расправа за евентуални поместувања во правецот на делување на Партијата;

–  утврдува кандидати за учество на претседателските и на парламентарните избори;

–  донесува деловник за својата работа;

– изгласува промени и дополнувања на Статутот и Програмата;

– ги усвојува извештаите на работните тела;

– ја усвојува генералната политика на Партијата за наредниот период;

– разгледува други прашања кои ќе бидат иницирани од страна на членството.

Член 18          Координативен одбор

(1) Координативниот одбор е составен од пет члена, кои од својот состав бираат претседавач на телото.

(2) Координативниот одбор раководи со Партијата во периодите помеѓу заседанијата на Конгресот,

(3) Мандатот на членовите на координативниот одбор е две години со право на повторен и избор после два последователни мандати и со 2/3 мнозинство

Член 19          Надлежности на Координативниот одбор

Ги прибира ставовите и мислењата на членството со цел формулирање на начелните политички ставови по одредени прашања

Врз основа на прибраните мислења и ставови изработува предлог одлуки кои ги доставува до членството за разгледување и гласање

Ги сумира гласовите на членството и ги формулира конечните одлуки

Го свикува Конгресот (редовно на секои две години и вонредно по барање на 10% од членството или на Контролниот одбор)

Остварува постојана комуникација со координаторите на групите за одделни прашања

Се грижи за спроведување на генералната политика на Партијата меѓу два конгреси

Извршува други задолженија кои ќе му бидат дадени од страна на Конгресот

Комуникацијата меѓу членовите на Координативниот одбор е пред се електронска, а по исклучок одборот ќе се состане и физички

Член 20          Контролен одбор

(1) Членовите на Контролниот одбор се избираат со мандат од 2 години без право на повторен избор

(2) Контролниот одбор брои пет члена и одлучува со просто мнозинство од вкупниот број членови. Тој делува преку електронска врска и се состанува физички по исклучок.

(3) Контролниот одбор врши надзор на целокупното работење на Партијата и оценува дали истото е во согласност со Статутот, Програмата и другите акти на Партијата, како и со Уставот и законите на Државата.

(4) Контролниот одбор одлучува за прием и исклучување на членови од Партијата, на начин што има право да одбие прием на член во Партијата или да исклучи член од Партијата кој постапува во спротивност со Статутот и Програмата на Партијата, шири ксенофобија, говор на омраза или е сторител на кривично дело извршено со умисла генерално, а особено на кривични дела поврзани со вршење на некаква јавна функција или јавно овластување.

(5) Постапката за прием и исклучување на членови ќе биде регулирана со посебен акт.

(6) Контролниот одбор врши контрола на сите одлуки донесени од Координативниот одбор, со право да му наложи на Координативниот одбор да преиспита спорна одлука, да ја укине или да го одложи нејзиното делување до донесување на конечната одлука.

(7) Контролниот одбор има право да свика Конгрес на Партијата во случај на:

7.1 Донесување одлука за бојкотирање на избори; и

7.2 Во случаи на битни отстапки на Координативниот одбор од начелата на Партијата:

V Застапување и претставување на Партијата

Член 21          Овластувања

Партијата ја застапува и претставува претседавачот на Координативниот одбор.

Претседавачите на работните тела го претставуваат конкретното работно тело.

Член 22          Финансиско работење

“Твоја Партија“ избира Благајник кој не е овластен потписник на банкарската жиро-сметка на Партијата

Партискиот благајник доставува месечен извештај за финансиската состојба до Контролниот одбор и ја води посебната книговодствена евиденција за приходите и расходите на Партијата.

VI Финансирање на Партијата и располагање со средства

Член 23          Приходи

Основен приход на Партијата се исклучиво членарина во износ од 100, 300 или 600 денари месечно (во услови на стабилен курс на денарот)

Партијата нема да прима средства од страна на државата, а доколку добие средства врз основа на Законот за финансирање на политички партии, добиените средства ќе ги донира на невладини организации за проекти под нејзина контрола.

Член 24          Потписници

Средствата собрани од чланарина се чуваат на посебна жиро сметка.

Во секој момент има два потписника на жиро сметката: Претседателот на Координативниот одбор и Претседателот на Контролниот одбор.

Член 25          Трошоци

Средствата собрани од членарина можат да се користат само за покривање на тековни трошоци на активностите на Партијата.

Барање за покривање на трошоци поднесува секој од претседателите на групите по потреба до Координативното тело.

VII Пратеници

Член 26          Постапка

Секоја работна група предлага кандидати за пратеници од својот состав.

Листата на пратеници се дистрибуира до членството и се усвојува врз основа на електронско гласање на сите членови.

Избраните пратеници од „Твоја“ се поставуваат и дејствуваат согласно своите сопствени убедувања и верувања, а со „Твоја“ разменуваат информации и мислења.

VIII Престанокот на Партијата

Член 27          Партијата престанува со:

-одлука на Конгресот

-со намалување на бројот на членови под законскиот минимум потребен за регистрација на Партијата

-со правосилна судска одлука заради делување спротивно на Уставот и на законите

VIII Постапувањето со имотот во случај на престанок на Партијата

Член 28          Имотни прашања     

Целокупниот имот на Партијата ќе биде предаден на невладини организации кои се бават со деца со посебни потреби.

Изборот на невладините организации ќе го направи последниот состав на Контролниот одбор.

IX Преодни и завршни одредби

Член 29          Прашањата кои не се уредени со Статутот, ќе бидат регулирани со посебни акти и одлуки во согласност со Уставот, законите и Статутот на Партијата

Член 30          Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како постапката за негово донесување

Член 31          Овој Статут влегува во сила на денот на неговото донесување.

Shopping Cart