Твоја партија се залага за владеење на правоти и се противи на започнатите градежни активности за изградба на 17 катницата кај болницата „8 Септември“.
Изградбата на овој објект како и неговото внесување во ДУП беше оспорено од советот на Општина Карпош. Дополнително изградбата на овој објект требаше да биде оспорена и од конзерваторскиот центар, бидејќи се гради во близина на објект којшто е архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен како културно наследство.
Покрај сево ова, директорот Константин Димитровски, којшто е истовремено и член на комисијата за урбанизам на Општина Карпош, а со тоа навлегува во судир на интереси, даде дозвола за градење на спорната парцела. Инаку Константин Димитровски неодамна беше осомничен за уривањето на хотелот „Шар“ во старата турска чаршија. Според ова сметаме дека сите негови решенија треба да бидат преиспитани, па така и ова за изградба на 17 катницата.
Покрај овие аргументи, Твоја партија смета дека изградбата на ваков габаритен објект ќе го намали зеленилото и протокот на воздух во населбата и градот, којшто доаѓа од реката Вардар и се спушта од падината на планината Водно. Дополнително според ГУП за овој дел од населбата, оваа станбена зграда ќе направи да се надмине вкупно предвидениот број на жители и со тоа ќе ја оптовари целата инфраструктура на населбата и градот. Исто така уште една причина поради која треба да се спречи изградбата на овој габаритен објект е фактот дека неговата изградба е во непосредна близина на ГОБ „8 Септември“ и нема да може да слетуваат хеликоптери за итни медицински случаи или при евакуација на населението во случај на природна непогода.
Затоа сметаме дека утрешниот протест закажан со почеток од 11:55 на платото пред Борис Трајковски, треба да биде поддржан од сите граѓани.