2024, Јануари
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА БР. 3
Сите испитувања на јавното мнение покажуваат дека најмалку верба се има во нашиот правосуден систем. Се разбира дека тоа, пред се’, значи дека македонската јавност ја „прочитало правната фела“. Но, дури и тие, максимално лоши оценки не се приближуваат до вистинската состојба! Пресудата на Управниот суд (У-5.бр.618/2023 од 14.12.2023 година) за Судскиот совет е ‘нокаут’ од најопасен ранг. Имено, тоа докажува огромни количества незнаење кај сите инволвирани субјекти!!!
Со наведената Пресуда се констатира незаконито разрешување на Претедателката на Судскиот совет, а одлуката на Судскиот совет се поништува. Клучен проблем за Управниот суд со што не успеал да се справи – е отсуството на одредба со која се регулира разрешување на Претседателот на Судскиот совет! И да – нема таква одредба, па збунетиот Управен суд, во совет составен од судиите Ељмедине Асани како претседател на совет, Виолета Богојеска и Имсале Хасани како членови на советот, почнал да џбарушка по правото, за да стигне до многу чудни правни беспатија.
Да почнеме од оценката на Управниот суд дека: „Оценувајќи ја законитоста на оспорената Одлука, Судот најде дека истата е незаконита поради повреда на правилата на постапката, односно од причина што оспорената Одлуката содржи такви суштествени недостатоци што ја спречуваат оцената на законитоста на актот“?!! Едноставно кажано: или е незаконита или не може да се оцени законитоста! Кое е точно?
Во какифонијата на Пресудата, Управниот суд заклучува дека Судскиот совет треба да ја повтори постапката, но сега да биде законита!!! Значи, можеби одлуката е незаконита, можеби не може да се оцени дали е законита или не, ама во секој случај постапката е = незаконита!???
И токму тоа е најголемото незнаење! Во отсуство на постапка за разрешување од ПОЗИЦИЈАТА ПРЕТСЕДАТЕЛ на Судскиот совет, Управниот суд заклучил дека тоа мора да биде постапка за разрешување од ФУНКЦИЈАТА ЧЛЕН на Судскиот совет. Тоа е: замена на теза!!! Не, тоа не е исто и правната состојба е обратна: се’ што не е забрането е дозволено! Така вели нашиот Устав во членот 8 став 2: „Во Република Македонија слободно е се’ што со Уставот и закон не е забрането. “! И наместо да ги пофалиме членовите на Судскиот совет што постапиле креативно и го искористиле своето право да ја отповикаат Претседателката на Судскиот совет (за нарушување на меѓучовеките односи), Управниот суд решил да го прекрши Уставот на РС Македонија и да им ја поништи таа Одлука (Бр.02-934/1 од 04.05.2023 година) токму заради тоа што таква постапка – не е пропишана со закон. Додуше, е предвидено дека тие самите си одбираат меѓу себе – Претседател. Правната логика е чиста како солза: ако така се избира – така и може да се отповика од позицијата претседател. Да имавме Уставен суд – цврсто веруваме дека истиот немаше да чека никој да го прозива – сами ќе изреагираа на ваков правен нокаут!
Да биде работата уште полоша, членовите на Судскиот совет – не се спротивставија на оваа травестија од Пресуда на Управниот суд! Макар и со посочување на ваквиот правен нонсенс. Не! Видовме една бледа изјава на Претседателот на Судскиот совет и – толку. И, притоа, да нема недоразбирање – ваквиот Судски совет, и со Претседателка и со Претседател – не се погрижи за одговорноста на судијата кој криел активни случаи во фиока. И тие случаи застареа, а тој судија – сеуште е судија (номинално! Вистинска врска со таа извонредно важна задача на секој демократски ситем – тој човек НЕМА). Значи, дефинитивно ветингот во правосудството треба и мора да почне од Судскиот совет. Да почнеше СДСМ со ветинг ако не во 2017-та ама еве во 2018-та, и тоа со една третина од судиите – па така секои две години – до сега ќе можевме да завршиме со целокупен ветинг. Но, секој таков процес мора да почне од Судскиот совет!
Заслужува да потсетиме дека ДПМНЕ го разви институтот „непропишана постапка“ за прашањата што сакаше да ги забошоти. За оние што сакаше да ги реализира – секогаш се наоѓаше „правна солуција“. СДСМ, пак, ја рашири „непропишната постапка“ за се’ – и за онние работи што сакаше да ги спроведе. Затоа толку многу измени на закони, по скратена постапка и – најновата иновација: со „европско знаменце“. Меѓутоа, тоа е грешката од времето на СФРЈ – хипернормираност, а што и доведе прво до сериозна правна криза, а потоа и до распад на правниот систем.
Токму затоа, „ТВОЈА“ има вградено во својата Програмска рамка, усвоена уште во 2020 година, посебна цел под наслов „Владеење на правото“. Ве повикуваме внимателно да ја прочитате, посебно обрнувајќи внимание на контекстот во кој е вградена точката 9 а која гласи: „Ќе се спроведе комплетна и коренита реформа, како и драстично редуцирање на кадровската бројност (до ниво на отпуштање на актуелниот состав на судии / јавни обвинители) со стручна надворешна помош“.
Известител: С.Т.