Македонската јавност и понатаму продолжува да се бранува во врска со Бугарското прашање, или поточно обидите на дел од бугарската Власт и јавност да го попречат отпочнувањето на преговорите за ЕУ членство на нашата држава. Притоа, посебно ни остави впечаток поделеноста на бугарската јавност и власт на: конзервативни кругови (Објаснувачкиот потсетник) и либерални мислители (Одговор од група бугарски научници). Вториве, сосема со право, укажуваат на штетноста на овој процес по обете земји: и по Северна Македонија и по Бугарија.
Од друга страна, можеби се работи само за коњуктурно влијание на една мала група политичари во Бугарија, што можеби би значело и релативно лесно излегување од ќор-сокакот. Тоа излезно решение би било Бугарија да го промени претседателот на својот дел од Мешовитата историска комисија со нашата земја. Од следниве причини:
1. Спомнатиот господин, инаку историчар но и поранешен бугарски амбасадор во Македонија (значи по дефиниција не можеме и не смееме да го третираме како „објективен и независен историчар“), отворено и децидно излезе пред јавноста во обете држави со крајно проблематично тврдење дека ние треба да се соочиме со историската вистина и да „признаеме“ дека Гоце Делчев е – Бугарин! Можеби превидел дека тој е претседател на бугарскиот дел од Мешовитата комисија и дека како таков тој би требало да зборува што бугарската страна би требало да направи. Веќе тоа е сосема доволно причина бугарските Власти да го преиспитаат неговото натамошно претседателствување, а нам ни дава „карт бланш“ да и’ „објасниме“ на бугарската страна што тие треба да прават и направат.
2. Истиот тој господин, пак, премолчува од каде таква сигурност дека точно знае што и како се случувало пред повеќе од еден век! Имено, практично неспорно е дека Гоце Делчев бил роден во Кукуш во 1872 година, значи добри шест години пред Санстефанска Бугарија. И значи, единствено што можеме со сигурност да тврдиме, и тие и ние, е дека тој бил поданик на Отоманската империја – и точка! Или, поинаку кажано, извесно е само дека формално правно тој не бил државјанин ниту на Бугарија ниту на Македонија. Практично, се работи за инаку неспорниот период од три години што Гоце Делчев го провел на бугарска територија на школување во едно воено училиште. Меѓутоа, игнорирањето на формално-правните аспекти на прашањето – го дисквалификуваат Ангела Димитров од позицијата од која гласно и јасно шири – дезинформации.
3. Токму тој господин, можеби од незнаење, но многу поверојатно со свесна манипулација, се обидува да ја затскрие крајно вообичаената методологија во ваков вид преговори – од најнеспорното до најсложеното и најспорното. А кога ќе се дојде до тие повисоки и посложени нивоа – добредојдена е медијација. Не само што наведениот господин ги премолчува и затскрива овие две прашања – туку и се обидува токму со спротивното – да сме прифателе нешто што бара максимален напор. Или, поинаку кажано, има уште многу „фурни леб“ за да се стигне до едно од најсложените прашања – Гоце Делчев. И тогаш ќе ни требаат не само на историчари, не само медијација, туку и цели тимови со најразлични профили како што се правници, експерти од комуналните области (клучно прашање е под каков правен режим потпаѓал согласно регионалната поделба не само родниот Кукуш туку и другите места, како што се и Солун (Тесалоники) каде се школувал пред Бугарија, потоа Ново Село, Штипско, каде престојувал и работел Гоце Делчев и тн.) и други експерти. Можеби и експерти за граничен режим, бидејќи, според некои извори, при првиот обид да влезе во Бугарија – Гоце Делчев бил одбиен. Тоа му пошло од рака дури откако ‘обезбедил некои документи’ и повторно се обидел.
Од овие перспективи произлегува дека мала група бугарски политичари ја искористуваат индивидуалната агенда на еден, конкретен бугарски наводно историчар за да направат извонредно висок притисок на целата бугарска јавност, па дури и да ја доведат до некој вид френезија. Следствено, можеби доколку Ангел Димитров биде тргнат од своето актуелно „столче“ – и тензијата ќе попушти и политичарите ќе почнат да размислуваат и постапуваат со постудени глави.