СООПШТЕНИЕ НА ТВОЈА ПАРТИЈА

Имајќи го предвид континуираниот деградирачки тренд во делувањето на Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, бројните негативни извештаи за работата на овие институции и неспособноста на актуелната (исто како и на претходната власт) да иницира соодветни промени, Твоја партија бара нивно итно распуштање и префрлање на нивните надлежности на експертски групи делегирани од ЕУ.

Повеќе е од очигледно дека овие институции вака како што се структуирани и посебно во ситуација кога изборот на нивните членови е под директен диктат на владејачките политички партии, не само што не придонесуваат за позитивни промени во правосудтвото, туку стануваат извор на неправо и ја продлабочуваат веќе катастрофалната состојба во нашето правосудство.

Твоја партија предлага се до воспоставувањето на цврст систем на правила, процедури и критериуми кои ќе оневозможат било какво мешање на политичките партии во изборот на кадрите и во работењето на овие институции, изборот на судии и обвинители да го вршат странски независни експерти, врз основа на претходно поставени правила, процедури и криетриуми и спроведени тестирања базирани на најдобрите пракси во ЕУ државите.

Секоја до сега предложена интервенција во моментов ќе претставува само козметичка промена која нема да влијае на актуелната состојба на Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители кои се профилираа како партиски поделени институции кои не ја остваруваат својата основна належност, не ги штитат правата и слободите на граѓаните и наместо да се занимаваат со правораздавање се исцрпуваат во изнаоѓање начини за поддршка и заштита на политичките партии и пред се на високите функционери во овие партии.

Со оглед на исклучително деликатната положба во која на ваков начин се поставува нашата држава, ова мора да биде времена мерка и треба да послужи пред се за хармонизација не само на нашето законодавство, туку пред се нашата пракса со праксата на ЕУ.

13.07.2023

Мирјана Најчевска
Твоја Партија

Shopping Cart