Проблемот со Бугарското прашање
Македонската јавност и понатаму продолжува да се бранува во врска обидите на дел од бугарската Власт и јавност да го попречат отпочнувањето на преговорите за ЕУ членство на нашата држава. Притоа, посебно ни остави впечаток поделеноста на бугарската јавност и власт на: конзервативни кругови (Објаснувачкиот меморандум) и либерални мислители (Одговор од група бугарски научници). Вториве, сосема со право, укажуваат на штетноста на овој процес по обете земји: и по Северна Македонија и по Бугарија.
ТВОЈА ПАРТИЈА сугерира дека можеби се работи само за коњуктурно влијание на една мала група политичари во Бугарија, што можеби би значело и релативно лесно излегување од моменталниот ќор-сокак. Тоа излезно решение би било Бугарија да го промени претседателот на својот дел од Мешовитата историска комисија со нашата земја. Од следниве причини:
1. Спомнатиот господин, инаку историчар но и поранешен бугарски амбасадор во Македонија (значи по дефиниција не можеме и не смееме да го третираме како „објективен и независен историчар“), отворено и децидно излезе пред јавноста во обете држави со крајно проблематично тврдење дека ние треба да се соочиме со историската вистина и да „признаеме“ дека Гоце Делчев е – Бугарин! Можеби превидел дека тој е претседател на бугарскиот дел од Мешовитата комисија и дека како таков тој би требало да зборува што бугарската страна би требало да направи. Веќе тоа е сосема доволно причина бугарските Власти да го преиспитаат неговото натамошно претседателствување, а нам ни дава „карт бланш“ да и’ „објасниме“ на бугарската страна што тие треба да прават и направат.
2. Истиот тој господин, пак, премолчува од каде таква сигурност дека точно знае што и како се случувало пред повеќе од еден век! Имено, практично неспорно е дека Гоце Делчев бил роден во Кукуш во 1872 година, значи добри шест години пред Санстефанска Бугарија. И значи, единствено што можеме со сигурност да тврдиме, и тие и ние, е дека тој бил поданик на Отоманската империја. Или, поинаку кажано, извесно е само дека формално правно тој не бил државјанин ниту на Бугарија ниту на Македонија. Практично, се работи за инаку неспорниот период од три години што Гоце Делчев го провел на бугарска територија на школување во едно воено училиште. Меѓутоа, игнорирањето на формално-правните аспекти на прашањето – го дисквалификуваат Ангела Димитров од позицијата од која гласно и јасно шири – дезинформации.
3. Токму тој господин, можеби од незнаење, но многу поверојатно со свесна манипулација, се обидува да ја затскрие крајно вообичаената методологија која се применува во ваков вид преговори која подразбира решавање на прашањата од најнеспорното до најсложеното и најспорното. Вообичаено е кога ќе се дојде до тие повисоки и посложени нивоа да се побара медијација. Не само што наведениот господин ги премолчува и затскрива овие две прашања – туку и се обидува да го закочи процесот токму со спротивното – да се разрешат најспорните и најсложени прашања.
Според ТВОЈА ПАРТИЈА, мала група бугарски политичари ја искористуваат индивидуалната агенда на еден, конкретен бугарски “историчар“ за да ја манипулираат бугарската јавност, па дури и да ја доведат до некој вид френезија. Следствено, можеби доколку Ангел Димитров биде тргнат од актуелната позиција – и тензијата ќе попушти и политичарите ќе почнат да размислуваат и постапуваат во манирот на вистински преговори.