МАКЕДОНИЈА И СЛОБОДНИОТ ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ

Или: во најдобар случај глупи сме како ноќ, а да не размислуваме за нешто полошо, на пример, – колку сме расипани.


ПРОЛОГ:
Да преминеме на случајот веднаш: Устав, закони и прописи во Македонија мора да почитуваат сите. Подеднакво и без исклучок. Точно?
Доколку нешто од ова не почитувате, макар и да е банално сообраќајно правило или некаков сметководствен или комунален прекршок на пример, ви следува со закон пропишана казна. Точно?
Па потоа имате разни уредби, правилници, разни подзаконски акти, тарифници, некои чудни документи кои исто така мора да ги почитувате, или повторно ви следува казна или глоба или некаква санкција ако не сте во согласност со истите. Точно е?


ТЕКОВНА СИТУАЦИЈА:
ОК. Ако ги прифатиме горните постулати како точни, а не гледам како може да се оспорат, прашањето е: каде се наоѓа списокот на сите овие погоре набројани документи, и со која динамика – и од кого – се носат истите? Кој колку трае? Во важност е или поминат му е рокот на траење? Како може граѓанството да се информира да не направи нешто погрешно, да не случајно од вчера семафор се поминува на црвено, загадување на воздухот станало обврска или новите царински стапки за некој увоз сега се поскапи за 120%, пошто некој наш Трамп така посакал па му се може? Одговорот на ова прашање е банален до глупоќа: сѐ ова кое го набројавме во разработка на темата се наоѓа во публикација наречена „Службен Весник на Република Северна Македонија“ која се издава по правило после секоја седница на Собранието, кое е единствено овластено и дури задолжено да носи вакви документи. Бидејќи, не по наша вина, се наоѓаме во 21 век, предвидено е и електронско издание на истата публикација, па седи си ти пред лап-топ и читај што те интересира.


ДАЛИ?
Па, не знаеме. Не сме баш сигурни. Имено, некој, (Влада? Собрание? Роберт? Ванчо? Миле?) го основал Јавното претпријатие „Службен весник“ дури донесол и закон за тоа, што се гледа од цитатот преземен од сајтот на односното претпријатие:


“Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ ц.о. – Скопје е основано со Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“ („Сл.весник на РМ“, бр. 56/99 од 31 август 1999 година), како правен следбеник на Новинско-издавачката работна организација Службен весник на Република Македонија – Скопје.
Основна дејност на Јавното претпријатие Службен весник на Република Северна Македонија ц.о. – Скопје е објавувањето на законите, другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“, како и издавањето на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“, како дејност од јавен интерес.“


Што е сега проблемот? Нели сме донесле закони-прописи-уредби, сме ги гласале на Собрание и сме ги известиле граѓаните преку Службен весник? Па, проблемот е назначен во следниот пасус во продолжение на цитатот, кој што гласи вака:


„Финансирањето на претпријатието е од сопствени средства.“


Значи истиот мудрец – основач на Службен Весник, обезбедил основање на претпријатие „со дејност од јавен интерес“, ама се погрижил него тоа да го чини 0 и со букви – нула- денари. И со тоа, директно го прекршил македонскиот Устав.


КАКО БЕ ГО ПРЕКРШИЛ?
Е така. Ако читаме сајтови на опскурни јавни МК претпријатија, може да го прочитаме и македонскиот Устав кој во член 16, меѓу другото, вели:


„Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.“


Слободен пристап? На кои информации? Кои се критични, битни, помалку битни, банални информации? Може ли јас слободно да се информирам за фудбалски резултати? Не се битни? Што прават денес мулите во Иран? А за цени на пиперките? А колку е казна за поминување на црвено? Колку би лежел затвор ако утепам пешак? А мечка?
Да направиме еден замислен социјален експеримент: прашајте било кој политичар каква е состојбата со слободен пристап на информациите и ќе добиете една од двете состојби: ако е власт, состојбата никогаш не била подобра и постојано се унапредува, ако е опозиција, ќе добиете едно најмалку 15 минутна жалба како власта ги корумпира медиумите, како сѐ е отидено по ѓаволите и како треба да се преземат радикални мерки, кои се сведуваат на тоа тој што е во опозиција да се качи на власт, а оние од власта да ги поапсиме и да лежат робија, ама ете не чини обвинителството… Воглавно, никој нема ни да се сети да го адресира овој проблем. Не ни мислат дека е нешто битно.
Никој од нив нема да обрати внимание на тоа кој, како и зошто го основал „Службен весник“ и му наредил, СО ЗАКОН, да работи против Уставот на сопствената држава.
Ајде сега сериозно. Собранието носи, а ние ги почитуваме законите и сите документи што се таму донесени. Дали се тоа важни информации? Дали има законски санкции ако нешто од тоа не се почитува? Тоа би требало да се најважните информации за чие непочитување сте под сериозна закана за глоба, забрана или не дај боже, затвор. Не верувам дека постојат поважни информации од тие.
Како да знаеме што е таму донесено и што треба да се почитува, а што не смее да се прави под закана од санкции? Па лесно е, пишува во „Службен весник“. Отвори и прочитај.
Е, ај отвори де? Информациите содржани во Службен весник се – на продажба. Може да читаш, под услов да имаш 7.000 денари за годишна претплата. Заради фамозната одредба дека „Финансирањето на претпријатието е од сопствени средства.“ вработените решиле дека ќе стават претплата на содржините што се објавуваат, за да стигнат до некакви „сопствени средства“. Не им текнало да изнајмуваат простор, не им текнало да се финансираат од земјоделие или енергетика, тоа им текнало. А нивниот основач дури и со закон го пропишал тоа.


И СЕГА?
И сега тоа е така како што е, ако не ви е гајле што пишува во Уставот. А еве што пишува во член 54:


„Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.


Или Член 9:


„Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.


РЕЗУЛТАТ:
Сериозно важни информации во државата, внимавајте, се продаваат по цена од 7.000 денари годишно. Има и друга можност да дојдете до нив; ако почекате да застарат. Имено, изданијата од Службен весник од минатата календарска година на истиот сајт се објавуваат бесплатно, веројатно дека им поминал рокот на траење, а бељата што би можела да ви се случи веќе ви се случила, па понатамошната продажба на овие важни информации се чини беспредметна. Ви звучи цинично?
Ако се прашува законодавецот и персоналот на „Службен весник“. Иако граѓаните имаат уставно загарантирано право на слободен пристап до информациите, и истото право не може да биде дискриминаторско по основ на… имотна или општествена положба, фактички имаме дискриминација со поделба на луѓето на две групи: оние што ќе платат и оние што нема. Што ако го гледаме Уставот е забрането, значи делувањето на вака организиран Службен весник е во основа, противуставно. Исто како да е, што знам, терористичка организација. И тоа така си тера со години, децении и никој не се буни. Настрана тоа што државата ги продава информациите за законите што сама си ги носи, а бара сите да ги почитуваат затоа што – сите се еднакви пред законот. И тие што се спремни да платат и тие што не се. Како пишува во законот? Одговорот на законодавецот е „плати, па ќе ти кажам“. Каков будала треба да си да го направиш ова? Од тука е и дилемата во поднасловот на текстот: имено, дали сме само глупави или колку сме расипани.
Ај да видиме како тоа изгледа во нормалниот свет. Повелете отворете на интернет “Official gazette of New Zealand” или “Official gazette of Norway”. Или било која европска норма или одлука. Мислите дека некој ќе ви побара пари за тоа? Не мислете, еве проверете.
Ако веќе не сте провериле дали е тоа согласно со Устав, барем гледајте тоа да биде во согласност со здрав разум.

И после ние мора тоа да го почитуваме, или…

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Shopping Cart