(Староновата политичка евро-архитектура)
Сашко Тодоровски, амбасадор во пензија
Посебно по Втората светска војна, но и многу потоа, практично за цело време на тнр. „Биполаризам“, американската школа за меѓународни односи ја третираше Русија како „големата, црна и злобна империја“. Републиките во состав на СССР и „сателитите“, како што ги нарекуваа од 1954 година земјите членки на Варшавскиот пакт, беа некако третирани како страничен ефект, последица на Злобната империја (the Evil Empire), па дури и нејзини жртви. Не случајно, токму во тој период и токму во тие околности, концептот за тнр. „јавна дипломатија“ како начин за адресирање на јавностите во тие земји, со ‘прескокнување’ на официјалните власти, и посебно автократските владетели, добива на извонредно значење, но и сеуште како дел од не толку ‘јавните’ активности на евроатлантските дипломатии. Наспроти тоа, Русија одговори со развивање на концептот за „природно партнерство“ или „сесловенско братство“, но, веројатно по игра на случајот – со централна и управувачка улога на Русија, Москва и Кремљ!
Распадот на Биполаризмот значеше период на голем ентузијазам и напори да се обедини сиот европски простор и со „големи очи“ се гледаше дури и во насока на вклучување на Русија во тоа единство! Најважни носители на таквите „желби“ беа глобалните меѓународни владини организации. Можеби, вистински или барем почетен двигател во таа насока беше Советот на Европа и неговото Парламентарно собрание кое уште во 1989 година им понуди на трите социјалистички федерации (СССР, ЧССР и СФРЈ) да добијат статус на „специјален гостин“ и на тој начин да почнат да го трасираат патот на нивната евро(атлантска) интеграција. Веќе во средината на наредната декада се случи исклучително цивилизираното и слободно може да се каже пријателско раздвојување меѓу Чешка и Словачка. Уследија распадот на другите две федерации, но ни од далеку „пријателски“! И распадот на СССР и дисолуцијата на СФРЈ повлекоа многу крвави последици. Еднаш кога тие крволиптања попрестанаа, НАТО се обиде да биде обединувачки фактор. Дури, малку како да се заборава, НАТО формираше посебни и одвоени тела за соработка со Украина и Русија кои тоа не само што го прифатија туку влегоа со огромен ентузијазам. Многу бргу овој процес доби замаец и многумина, посебно во теориска сфера почнаа да предвидуваат најтесни облици на поврзување. За жал, нивните предвидувања беа горки промашувања!!!
Паралелно со тој процес, проширувањето на тогашната Европска заедница полека почна да поприма вистински размери, а со тоа и се отвори потребата за нови и најразлични решенија. Изборот да се пристапи кон трансформација на оваа меѓународна организација во заедница на држави со конфедерален пристап беше веројатно најлогичната и од аспект на развојот најсеопфатна опција, меѓутоа и опција што предизвика страв кај дел од „тврдите“ руски струи дека во една таква заедница ќе се изгуби „руското“ кое и што и да е тоа! И, првата закачка, како и многу векови наназад, се најде во Вавилонската кула – јазикот. Токму во Советот на Европа Русија прво тивко, а потоа и малку погласно го отвори прашањето за „трет работен јазик“ – односно рускиот како еднаков со францускиот и англискиот (иако веќе подолг период до тој момент вистинската lingua franca беше – англискиот). Се разбира, Германија веднаш изреагира очекувајќи дека ако се проширува тој опус – и германскиот јазик треба да го најде своето место! Крајната одлука беше дека во „актуелниот момент“ тоа не е „приоритетно прашање“, додека прифаќањето на ЕЗ формулата (сите јазици еднакви) би било нефункционално, посебно за сите оние работни тела каде суштината е да се развива, пред се’, правната мисла најслободно и што поаполитично (меѓу другото и од аспект на националните идеологии и филозофии). Сепак, Пандорината кутија се подотвори и ‘црвот’, посебно оној рускиот – почна да работи!
Коинциденција или не, ама по легендарниот шеф на КГБ Јури Андропов, повторното доаѓање на висок офицер на КГБ (во тој момент веќе ФСБ) за Број 1 во државата, претседателот Владимир Путин, ги исфрли на виделина сите оние реликти од минатото, а посебно „страховладата“ на Русија во Варшавскиот пакт и тоа токму со помош на КГБ! Ако само се погледне бројката на луѓе што поминале и излегле, вертикално или хоризонтално од Штабот на КГБ во Рига, Латвија – дури 47 илјади, можеби можеме да ѕирнеме барем малку во причините за огромниот страв, сега покриен со чувство на гнев и непријателство спрема Русија. И тоа не е конечна евиденција ниту конечна бројка, а се работи за двомилионска нација, како и нашата. Ако споредиме со Информбирото, како најголема бројка на политички прогон во југословенската Федерација, значи грубо околу 16.101 (и „само“ 413 починале за време на издржување на казната, вклучувајќи го и Панко Брашнаров) наспроти 20 милиони население на Југославија – доаѓаме до сооднос 1 : 1.242 додека соодносот во Латвија доаѓа до неверојатните 1 : 42,5 или 30 пати повеќе!!! А, ако споредиме со Македонија и нејзините 801 затвореник на Голи Оток односот се чини дека е 1 : 2.500, или дури 60 пати помалку од жртвите во Латвија. Или, малку поинаку кажано – во просек секое 10-то латвиско семејство имало ‘претставник’ што поминал низ ‘мелницата’ на КГБ! Кредибилни податоци за другите земји, вклучувајќи ја и Чехија – не се лесно достапни или има сериозни варијации. За разлика од периодот на Сталин и неговата „голема чистка“ (нели тогаш НКВД), каде има бројни извори и бројни ‘лицитирања’, КГБ бил очигледно многу повнимателен и темелно се обидел да остави што помалку траги. Сепак, интересна е споредбата на периодот на КГБ во СССР и наводно околу 750.000 советски граѓани што „поминале“ низ мелницата на КГБ (за сето време на неговото постоење) – со само една година на Сталиновата чистка 1937/38 година (the Great Purge), кога исто толкав број советски граѓани биле прогонети и – егзекутирани!!!
И можеби реакциите би биле поинакви доколку таа „матрица“ Москва не ја проширува низ сите членки на Варшавскиот договор. Формално склучен во 1955 година, веќе наредната година Блокот, во функција на одбрана од „надворешен“ непријател, реагира во – Унгарија. Десетина години подоцна, 1968 – повторно реагира, ама во Чехословачка. Против што реагирала Москва со добри 600.000 трупи на Варшавскиот договор? Против „комунизмот со хумано лице“ на Александар Дубчек!!! Значи дури не и поинаква идеолошка матрица или, уште повеќе, поинаков политички систем! Не, фактички реформи во функција на хуманизација на односите внатре во чехословачката Федерација! И токму ова можеби дава одлична основа за споредба со денешните состојби!!! Хуманизацијата значи грижа за сопствените луѓе, за нивните потреби, за воспоставување стандард на живот достапен до најширокиот број сопствени граѓани. Тоа многу го уплашило тогашниот Кремљ и се решил за реакција manum militari! Против кого е насочена последната агресија спрема Украина (претходна агресија е нели, 2014 анексијата на Крим)? Според едни толкувања, а кон кои се придружува и официјална Праха, главната цел на ваквите воинствени одлуки на Кремљ се – руските граѓани?!! Гледајќи дека стисокот кон граѓаните попушта, дека се развиваат се’ повеќе спротивставени на власта тенденции, Путин и неговата камарила се решаваат да применат терористички методи (атентати / егзекуции, политички судења, застрашување од секаков вид и тн.), но и залажување на сопствената јавност со воени интервенции. Само последна во таа низа е Украина, вклучувајќи го и обидот непосредно да се окупира Киев!
Да се вратиме на 1968 година и загушената Прашка пролет. Се разбира дека голоракиот народ, па дури и најборбените студенти биле повеќе од немоќни против таков противник и од Прашката пролет останала само една огромна болка, но, можеби дури и поголема и подлабока омраза. Се разбира, се создала и цела категорија граѓани кои „решително“ застанале во одбрана на Кремљ и, на тој начин, го амортизирале огромниот страв што во нив го будела и развивала Москва. Следставено, една од крајните последици била – поделено општество! И тоа можеме да го видеме во Чехија и ден денешен! Додека најголемиот дел, а посебно централните делови на Чехија реагираа со огромен анимозитет, омраза кон Русија и решеност на една страна да и’ помогнат на Украина на секаков можен начин, но и да се обедини цела Европа против „варварскиот агресор Русија“, непосредно по годишнината од агресијата над Украина, 50—тина илјади граѓани се собраа, и тоа во Праха, да протестираат против „антируската политика“! Проценките беа дека се работи за она што можеме да го наречеме „чешки ѓеврек“ – пограничните области кон Австрија, Германија и Полска, но и делови кон Словакија.
Сепак, и официјална Праха и поголемиот број граѓани во Чехија застанаа во одбрана на Европа, вклучувајќи се и себе, преку целосна поддршка на Украина. Иако Чехија долго време гледаше со неверба дека Русија ќе се реши да ја нападне Украина, еднаш кога тоа стана извесно, релативно нагло го променија својот став, па оттука и, можеби, не посветија доволно внимание на подготовки, дотолку повеќе што паралелно со случувањата на релацијата Русија – Украина во Чехија се одвиваше промена на власта. Следствено, од моментот кога агресијата / инвазијата отпочна, Чехија доследно застана во осуда на војната, крајно критична спрема Русија и крајно позитивна спрема Украина, па дури и со потенција да го криминализира секој облик на поддршка на руската инвазија (како што ние имаме кривични дела во оваа насока, чл. 403-407). Следствено, како и Балтичките земји, Чехија практично на секој план презеде конкретни мерки: 1. Главнината економски мерки беа во областа на енергетиката, па дури и дотогаш непрекосновената перспектива – нуклеарната енергија беше воздрмана и се отвори простор за Обновливите енергии; 2. Бегалци. – Ако се има предвид дека ЧЕХИЈА беше еден од најсилните опоненти на примање бегалци од Азија, па и во практика доследно го спроведоа тоа одбивање, во однос на Украина ги отворија „сите врати“ и во еден монет дури примија над 440.000 бегалци дозволувајќи им на добар број од нив веднаш вработување, прием на децата во училишта, социјално –здравствено погодности и тн.; 3. Во најдобар на себе својствен манир, преку трговија со девизи – успешно ги намалија и ефектите на толкавиот број бегаци и галопирачкиот раст на инфлацијата; 4. Претходно започнатата размена дипломатски мерки со Русија доби во замав и беа „разменети протерувања“. Се разбира дека Русите имаа многу повеќе да изгубат на овој план заради ноторната им пректика на огромен број „дипломати“ (читај: се’ само не дипломати). Еден куриозум изби на виделина: Русите држеле неколку едукациски центри на ниво на основно и средно образование и сите нивни просветни кадри имале дипломатски пасоши!?? Една од чешките мерки беше укинување на оваа можност! Русите одговорија со повлекување на овие кадри, најверојатно очекувајќи дека Чесите ќе „омекнат“… Повеќе од тие училишта набргу беа испразнети и напуштени! Се чини дека Чехија ја искористи коњуктурата да направи нешто за што инаку најверојатно немале и не би имале храброст! Слично како и Латвија која реши конечно да го воведе латвијскиот јазик како единствен службен, училишен и наставен јазик!?! По добри 30 години компромиси – Латвија зачекори кон вистински унитарна држава! Овие групи мерки беа придружени и со стандарните мерки во областа на индустријата и трговијата, потоа на социјален и воен план и тн.
Како своевиден заклучок: и Чехија и Латвија беа крајно доследни во спротивставувањето на руската агресија, покажаа апсолутна подоготвеност за максималност на мерките за запирање на војната, ги надминуваа и ги надвладуваат практично сите последици и ја докажаа својата висока солидаризација не само со Украина, туку и со сиот цивилизиран свет наспроти атавистичко декадентната Русија. И да, го искористија тој бран за да преземат чекори што поинаку или немаше бргу-бргу да ги направат или ќе мораа да прават дополнителни компромиси што вака ги избегнаа! Од друга страна, можеби треба да се има предвид дека и покрај сите предупредувања – покажаа верба дека Русија релативно бргу ќе го изгуби воениот судир и следствено – целокупната ситуација нема да потрае предолго!
Зошто кај нас изостана тој ефект на целосна и сеопфатна антируска реакција? Најгрубо речено тоа се должи на два клучни фактори: 1. Пренесеното руско влијание преку Србија; и 2. Речиси потполно неразбирање на факторот КГБ! За првиот фактор, пред само неколку години (2019 година), на пример, дури и многу проминентни медиумски куќи немаа храброст со факти да прозборат за ова прашање (па дури и веќе снимено интервју со авторот на овие редови – не го емитираа?!!). По руската инвазија на Украина (натаму: Инвазијата 2022) ситуацијата целосно се промени! Не само похрабрите медиуми и експерти, туку и дел од јавноста најде храброст да се соочи со оваа ’импортирана инфлуенца’! Вториот, пак, фактор е нешто што можеби нашата професионална дипломатија и го потцени и не успеа да го објасни пред својата јавност. А тоа е дека кај нас, посебно во периодот на југословенска Македонија, КГБ во ниту еден момент ниту беше официјално присутен ниту имаше ингеренции како во земјите – сателити на СССР и, на тој начин, ниту можеше да биде инструмент за страховлада! Колку и да се прават алузии дека нашата тајна полиција (читај: УДБА) имала сличен статус на КГБ – тоа нема елементарна вистинитост во себе! Токму затоа, кога Бугарија побара да „раскрстиме“ со нашето „комунистичко минато“ и јавноста и експертите се најдоа во апсурдна ситуација. Неспорно е дека СФР Југославија си имаше тајна полиција како и, впрочем, сите други држави, вклучувајќи ги и денешните членки на ЕУ и тие сеуште си ја чуваат својата тајна полиција. Она што ни беше во еден период префрлано како погрешна и недопустива практика беа – параполициските и парамилитарните структури. Но, таквите беа формирани во постју периодот и, за наша среќа – релативно бргу беа расформирани. Всушност, Бугарија зборува за своето комунистичко минато и ни импутира искуства кои ниту ги имавме ниту можат на кој и да е начин да се споредат со нивното комунистичко минато или поточно – потчинетост на Москва со главен инструмент – КГБ и „дамоклов меч“ над главата – дека силите на Варшавскиот пакт насилно ќе влезат во Бугарија.
Периодот на тнр. ИБ (или Информбиро), значи кога тогашна Југославија во 1948 година ги одби напорите на Русија и Сталин да стане советски сателит, значеа еден период на неправен или дури и противправен прогон на истомислениците на Сталин, што значи политичка хајка со главна казна: работа во тнр. претпријатие за разбивање камен лоцирано на Голи Оток! Но, тоа е сепак една фаза од некои 5 – 8 години, но, со цивилни последици и добри 20-30 години подоцна. Сепак, најголемиот број жртви на ИБ биле фактички рехабилитирани во Македонија (не и формално иако во Собранието имаше неколку иницијативи) и вака или онака можеле и воделе / водеа нормален живот градејќи успешни работни кариери и семејни заедници. И како сега да и’ објасниме на меѓународната заедница дека под „комунистичко минато“ Бугарија го подразбира периодот на советска / Московска страховлада со помош на КГБ, а дека ние никогаш не сме имале такво нешто! Ако и имало периоди кога УДБА знаела да ги пречекори демократски дозволивите „црвени линии“, тоа никогаш не било во такви драстични форми како што тоа било случај во советски републики но и во наводно самостојните држави членки на Варшавскиот договор! Таквите објаснувања стануваат десетоструко потешки во услови кога Бугарија, и посебно една мала политичка врхушка што ја искористи коњуктурата на политичка нестабилност и подолго време неможноста да се формира било политичка било вистински експертска влада во Бугарија, обидувајќи се да го злоупотреби историскиот сон за Санстефанска Бугарија, поттикна стигматизација на Македонија кај бугарската јавност и предизвика горки реакции кај македонската јавност какви што во современата историја на билатералните односи никогаш до сега немало! Најдобра илустрација се наодати на Евробарометар 2023!!!
И, наместо македонската влада да ги објаснува овие и ваквите разлики како би се попречила и најмалата можност во иднина Бугарија да продолжи да ги развива своите територијални претензии („Санстефанскиот сон“) спрема нас, излегува дека некои наши политичари ја прифаќаат бугарската реторика заради наводната опресија што ние сме ја правеле спрема националните / етничките малцинства на нашата територија. Велејќи го тоа, ниту се обидувам да тврдам дека немало некои облици на дискриминација кои се надминуваат со демократизација на општеството и примената на меѓународните стандарди во оваа област. Но опресија! Никако!
Ако се погледнат од ваква перспектива актуелните состојби, ќе можеме и да се обидеме да направиме споредба на Бугарско-македонскиот спор со Руско-украинскиот (https://ukraineworld.org/…/infowatch/russia-deny-ukraine), а кој прерасна и во многу крвав воен конфликт. Според наш теоретичар, постојат десет сличности наспроти само две разлики меѓу овие два билатерални спора:
1. Сличности
– Агресорот не го признава (дури и отворено го оспорува) посебниот идентитет на земјата жртва;
– Агресорот не го признава јазикот на земјата жртва, односно тврди дека се работи за дијалект на неговиот јазик;
– Агресорот тврди дека се „братски“ народи со народот на земјата жртва;
– Агресорот тврди дека ја ослободувале и ослободуваат земјата жртва;
– Агресорот тврди дека земјата жртва е „вештачка творба“ (што и да значи тоа?);
– Агресорот ги оспорува и манипулира со историските факти и се залага за тнр. историски ревизионизам;
– Агресорот обвинува дека земјата жртва е под нечие надворешно влијание;
– Агресорот го оневозможува влезот на земјата жртва во одредена меѓудржавна / меѓународно-политичка структура;
– Агресорот користи „говор на омраза“ а ја обвинува земјата жртва токму за тоа; и
– Агресорот користи отворени лаги а ја обвинува земјата жртва токму за тоа.
2. Разлики
– Бугарија, за разлика од Русија нема во 21 век навлезено со воена сила во Македонија (последната окупација е 1941-4 година); и
– Меѓународната заедница (вклучувајќи ја и ЕУ) ги препознаваше актите на агресија на Русија и пред употребата на воена сила, но, за жал, не ги ‘препознава’ актите на агресија на Бугарија.
Завршна теза: До денешната ситуација кога Македонија се соочува со дилемата дали да ги внесе Бугарите / бугарското малцинство во својот Устав се дојде, меѓу другото, и како резултат на неколку не баш перцепирани фактори. Прво, Западот и предолго ја третираше СФР Југославија (а со тоа и Македонија) како „членка на Варшавскиот пакт“ што е страшно незнаење и погрешна евалуација. Обидувајќи се да биде „неутрална“ како СФР Југославија, Македонија како нејзина наследничка, не успеа да ги перцепира разликите во историските услови на советските републики и членките на Варшавскиот пакт наспроти сопствениот историскит моментум. Тоа е исто толку страшно незнаење и погрешна евалуација. Дозволувајќи редица историски прашања во врска со тнр. „национално прашање“ да останат нерасчистени, Македонија практично не успеа да постави постулати за мериторна дистинкција од земјите каде тоа прашање беше извор на проблеми со најсилниот инструментум на Московската страховлада – КГБ! И тоа е исто толку страшно незнаење и погрешна евалуација! Дали имаме, пред се’, внатрешна сила да се соочиме со овие историски грешки или едноставно ќе ги заташкаме во надеж дека тие сами ќе си се разрешат е само привидна дилема. Ако не се воспостави национален консензус (што подразбира и меѓуетнички а не бинационален консензус како основа за граѓанска држава) – ние само ќе запаѓаме од една во две, од две во четири грешки и тн. (Скопје, 17 ноември 2023 г.)