Одговори на пораките од моите пријатели

Добив повеќе пораки од мои пријатели (некои и многу блиски) кои ми објаснуваат колку многу им се допаѓа идејата за формирање на Твоја партија како трета опција на политичката сцена и во исто време искажуваат жалење зошто не може да потпишат изјава со што би биле препознаени како членови на оваа политичка партија.

Објаснувањата и моите ставови за истите ќе ги поделам во неколку групи:

  1. Со членувањето во политичка партија се загрозува нивната независност како дел од граѓанскиот сектор и ќе бидат перцепирани како необјективни и партиски ориентирани.

Здружувањето на луѓето за заштита, промоција и обезбедување на одредени потреби и интереси е основно човеково право. Секој оној кој на било кој начин (активно или пасивно) ќе го загрози или ограничи ова право го прекршува Уставот на државата, ги прекршува ратификуваните меѓународни договори со кои се штитат човековите права и ги прекршува некои од базичните постулати на демократското општетсво.

Единствена разлика меѓу здружувањето во граѓански организации и во политички партии е методологијата на делување (без или со освојување на власта во државата).

Здружувањето е доброволно (и граѓанското и партиското), здружувањето (и граѓанско и партиско) е непрофитно, не смее да има било какво негативно влијание за човекот кој влегува во одредено здружение (граѓанско или партиско) или излегува од вакво здружение.

Во некоја партија некој влегува затоа што преку партијата сака да промовира одредени вредности и  да обезбеди тие вредности да станат дел од пошироката заедница. Тоа значи дека членувањето во една партија е само посебен начин на промоција на вредностите кои тој самиот веќе ги има. Да кажеш дека некој станува необјективен со членувањето во партија е исто како да кажеш дека некој станува необјективен со членувањето во било кое граѓанско здружение или со тоа што некој има сопствени ставови и мислења за одредени процеси во заедницата.

Партиите кои се однесуваат поинаку се здруженија кои работат спротивно на законот, односно го прекршуваат законот.

Ако мислите дека Твоја партија е такво здружување, тогаш навистина не треба да се зачлените во неа.

  • Со членувањето во политичка партија се загрозува нивниот бизнис, работа, веќе остварени бенфиции и постои опасност да бидат казнети (тие или членови на нивното семејство).

Воспоставувањето на релација меѓу членувањето во политичка партија и стручното, професионално или бизнис делување на некој човек е дел од клиентелистичкиот однос меѓу партиите и нивните членови кој е присутен на просторот на Македонија.

Нема друг начин да се урниса овој однос освен да се изгради нова политичка опција која меѓу своите приоритети ќе го има утврдено токму ова урнисување.

Не може во исто време да се биде клиент на политичките партии и да се кука заради постоењето на клиентелизмот.

На овој или оној начин политичките партии кои го градат клиентелизмот како начин на нивно постоење ќе ги направат свои клиенти и оние кои формално не се нивни членови и ќе ги врзат во клопчето на меѓусебна зависност.

Да тврдиш дека не се зачленуваш во политичка партија која настапува против клиентелизмот затоа што ќе биде загрозен твојот клиентелистички статус е апсурд сам по себе.

  • Спремни се да помогнат на секаков начин само да не бидат перцепирани како поддржувачи на конкретна партија (во случајов – Твоја партија).

Ова ми личи на изјавите на актуелниот ЈО Јовевски кои за време на режимот на Груевски не истапувал јавно против неправото во правосудниот систем, ама ете многу зборувал меѓу колегите и на затворени средби (во кафеани и слично). И судиите кои не гледаат вина кај себе за она во што се претворило судството. И сите оние функционери, функционерчиња и администрација на кои им се врзани рацете за било што што би можело да биде перцепирано како отворено спротиставување.

Или како оние кои навистина се згрозени од повредите на човековите права, ама не гледаат потреба да излезат на улица и јавно да се експонираат.

Или оние кои викаат до небо кога некој ќе им згазне на малото прсте, а отвораат широки расправи кога луѓето се дискриминирани, кога умираат по затворите, кога умираат од сиромаштија, кога …

Партиското здружување е доброволно и никој на никаков начин не смее да ве присили да пристапите на некоја партија спротивно на вашата воља. Меѓутоа останува фактот дека:

НЕМА ДА ИМА ШТО ДА ПОДДРЖИТЕ ДОКОЛКУ НЕ СЕ ФОРМИРА ПАРТИЈАТА. ПАРТИЈАТА МОЖЕ ДА СЕ ФОРМИРА САМО АКО СЕ ОБЕЗБЕДАТ 1000 НА НОТАР ЗАВЕРЕНИ ИЗЈАВИ.

И да ви кажам право, многу сомнителни ми се тие поддржувачи кои сега во моментов се плашат да бидат перцепирани како такви.

Во првиот кризен момент стануваат многу големи шансите тие да се претворат во клиенти или да побегнат од рингот случајно некој да не ги поткачи.

Твоја партија може ќе се формира, а може и нема. Нема да биде крај на светот.

Тоа само ќе значи дека или граѓаните на Македонија се уште не се спремни за трета опција или дека ова што ние сме го понудиле не е таа трета опција која што тие си ја замислиле.

Ама ве молам не ја навредувајте мојата интелегенција со вакви смешни образложенија.

Shopping Cart