Република Македонија е самостојна држава полни 28 години во кои судбината на државата наизменично ја кроеја две политички парии, едната лево, другата десно ориентирани според своите погледи за тоа како треба да се гради и развива нашето општество. Секоја од нив имаше период на континуирано владеење од барем два изборни циклуси, што и не е така мал временски период. По 28 години повеќепартијска демократија, во Македонија имаме распартален судски систем, мошне болно здравство, потполно руинирано образование од основно до универзитет до постдипломски и докторски студии. За економијата нема зошто да се зборува, ако се знае дека нашата просечна плата е најниска во регионот, а богами и пошироко.
Од година во година бројот на вработени во администрација наместо да се намалува се зголемува и стигна до број кој не може да се изброи. Еве министерот Манчевски ни после 3 години, сеуште незнае колку луѓе се вработени во државната администрација, ниту колкумина доаѓаат на работа ниту колкумина седат дома и примаат плата. А задолжувањето на државата расте катадневно. И изнесува над 50% од вредноста на БНП.
Со државните работи управуваат влада со 26 министерства и околу 1400 разноразни агенции, бироа, фондови и други здруженија кои на никого не му поднесуваат детален извештај што сработиле и за што ги потрошиле народните пари. Ниту па имаат било каква одговорност кога тоа што го сработиле или не, предизвикало штета за државата.
После 28 години самостојност, народот е уморен, сиромашен, разочаран. Младите, не гледајќи дека нешто битно ќе се промени ја напуштаат државата, за да студираат на универзитети чија диплома им ги отвара вратите во светот, да работат и со заработеното да живеат пристоен живот без секојдневни бескрајни препукувања помеѓу политичките чинители кој повеќе украл, кој што продал, кој повеќе ја уназадил државата, кој е поголем патриот.
Воздухот што го дишеме по сите параметри е отровен и штетно влијае на здравјето, посебно на најмладите. Иљадници пластични шишиња пловат по нашите реки, Малите и големи индустријски погони испуштаат секакви отпадни (и отровни) води заради кои често по нашите водотеци рибите пливаат грбно. На дрвјата и грмушките, како чудни плодови, висат пластични кеси во сите бои, покрај патиштата депонии на секој колометар. Шумите горат и во пролет и преку лето и на есен, најчесто потпалени од несовесни, но и деловно ориентирани поединци кои не мислат многу за долгорочните штети кои ги нанесуваат на сите нас. Oние кои се платени да се справуваат со ваквите проблеми, чекаат да дувне ветер и да ги однесе отровните облаци надвиснати над нашите градови, да заврне дожд и да го измие воздухот од прашината и разноразните смртно опасни вакви и онакви честички. Чекаме голем дожд и висок водостој па реките да го „извезат“ ѓубрето што го фрламе во нив.
Резултатот на ваквата состојба, секојдневно се гледа на аеродромите и колоните автобуси со кои народот веќе подолго време заминува од земјава. Некои привремено на 3 месеца додека им трае дозволениот престој во земјите на европската унија, некои на подолго, некои за секогаш. Секоја есен се помалку ученици во нашите училишта.
Колку е паметно да во вакви услови да се формира ТВОЈА партија, замислена многу поинаку од сегашната понуда на здружување. Не е паметно, воопшто не е паметно. Повеќе личи на апсолутна сизифовска работа, осудена на пропаст уште пред да започне. Но ако не се проба, никогаш нема да се знае дали можеби тоа и може да се направи, Македонија да стане пристојно место за живеење за сите граѓани.
Твоја не е замислена како политичка партија во класичен смисол на зборот. Повеќе како здружување од потребата, во овој хаос во кој живееме, да најдеме начин да се избориме за пристоен живот тука, дома. Замислена е како платформа во која секој член може и треба да учествува во дефинирањето на проблемите, приоритетите, решенијата. Иако тоа звучи налудничаво, искуствата од големите природни катастрофи говорат дека во првите часови после катастрофален земјотрес, поплава, ерупција на вулкан, луѓето не се обземени од паника и не трчаат како муви без глава наваму натаму, туку се многу свесни за тежината на ситуацијата во која се наоѓаат и се однесуваат многу рационално и одговорно и реагираат на најефикасен начин. Е па ние во државава се соочуваме со катастрофа чии последици веќе ги гледаме и чувствуваме. И ако не сакаме за 20тина години Република Македонија да згасне, затоа што ќе нема кој да и го каже името, крајно време е ние граѓаните да се погрижиме тоа да не се случи.
Мисијата на Твоја партија е да се изгради модерна, отворена, толерантна, граѓанска и економска развиена Република Македонијаја заснована врз образованието и работата. Преку одговорни и кредибилни политички акции им нудиме на граѓаните разработени идеи и мерки со цел да се оствари социјален и економски развој на државата. Овие мерки се систематски и структурно опишани и презентирани во Програмата на партијата.